|
Средба со потпретседателот на Европската банка за обнова и развој, Јан Фишер
|
|
|
 Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г-дин Јан Фишер, потпретседател на Европската банка за обнова и развој.
На средбата, г-дин Фишер се интересираше за актуелните политички и економски состојби во Република Македонија, како и за актуелностите на планот на интеграцијата на Македонија во евроатлантските структури. Во тој контекст, Претседателот Иванов го запозна соговорникот со тековните настани во процесот за надминување на разликата околу името со нашиот јужен сосед, што претставува единствената пречка за продолжување на интегративните процеси. Претседателот воедно оцени дека ова прашање од своја страна отвора дополнителни прашања и предизвици на внатрешен план во Република Македонија, особено во сферата на економскиот развој.
 Соговорниците разменија мислења и информации за состојбите во поширокиот регион. Потпретседателот на Европската банка за обнова и развој искажа благодарност до Претседателот Иванов за неговиот ангажман на регионален план и ги поздрави напорите за конкретизирање на проектите кои ќе овозможат инфраструктурно поврзување на целиот регион на Југоисточна Европа, кои се високо на агендата на Претседателот Иванов во сферата на регионалната соработка. Г-дин Фишер нагласи дека ЕБОР е подготвена да го поддржи развојот на Република Македонија во согласност со нашите потреби. Особено внимание беше ставено на големите инфраструктурни проекти, како што се Коридорите 8 и 10, како и на енергетските проекти. Претседателот Иванов искажа благодарност за улогата и ангажманот на ЕБОР како еден од најголемите поддржувачи на развојот на Македонија, во повеќе сфери. Претседателот Иванов воедно го информираше соговорникот за активностите кои се преземаат на планот на создавање на подобра економска и инвестициска клима во Македонија.
|