Средба со министерот за надворешни работи на Република Словенија, Самуел Жбогар
Среда, 09 Март 2011   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г-дин Самуел Жбогар, министер за надворешни работи на Република Словенија.

На срдечната средба, Претседателот Иванов и министерот Жбогар констатираа дека односите меѓу двете држави се на највисоко ниво. Претседателот Иванов му се заблагодари на министерот Жбогар за постојаната поддршка на Република Словенија за македонските интеграции во НАТО и во Европската Унија.

Средбата беше можност да се разгледаат заклучоците од неодамнешната официјална посета на Претседателот Иванов на Република Словенија, и дополнително да се конкретизираат можностите за соработка, особено во областа на европските интеграции, каде се очекува да се интензивира поддршка од страна на Република Словенија.


Тема на разговор на средбата беше актуелната политичка состојба во Македонија, при што Претседателот Иванов и министерот Жбогар се согласија дека е неопходно брзото враќање на повеќе партии од опозицијата во Собранието на Република Македонија и дека нормалниот политички дијалог и функционирањето на сите институции се значаен критериум во интегративните процеси.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија ги исполнила критериумите за отворање на преговорите за членство во Европската Унија и дека е од голема важност за европската перспектива на Македонија да не дојде до нарушување на постигнатото. Претседателот Иванов оцени дека за реформскиот ангажман на Македонија е потребно преговорите со ЕУ да течат без попречувања предизвикани од билатерални прашања, и го повтори ставот дека преговорите со ЕУ можат да се водат паралелно со разговорите за надминување на спорот кој Република Грција го поставува во врска со нашето уставно име.

  Back<<Назад