|
Новоименуваниот амбасадор на Република Хрватска Златко Крамариќ ги предаде акредитивните писма
|
|
|
 Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Хрватска во Република Македонија, Н.Е. д-р Златко Крамариќ.
Амбасадорот Крамариќ во своето обраќање изрази цврсто уверување за продлабочување на трајното пријателство меѓу двете земји кое верификувано и во многу меѓународни документи дополнително потврдува дека Република Македонија и Република Хрватска делат исти цивилизациски вредности. - Двете земји се свесни дека светскиот мир, демократијата и слободата немаат алтернатива. Практикувањето на тие универзални вредности во Југоисточна Европа како наш заеднички регион е од особена важност, рече амбасадорот Крамариќ. Новонаименуваниот амбасадор на Република Хрватска изрази уверување дека Република Хрватска ќе продолжи да и дава на Република Македонија континуирана и силна поддршка во напорите за праведно решавање на недоразбирањето со името. - Тука е впрочем и нашата недвосмислена поддршка за што поскоро пристапување на Македонија во НАТО, зошто членството во оваа воено политичка алијанса е силна гаранција за иднината на Вашата држава како европска земја, рече амбасадорот Крамариќ.
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во своето обраќање истакна дека Република Македонија и Република Хрватска, граѓаните на двете држави, ги поврзуваат силни историски, културни и традиционално пријателски врски. - Нас нè поврзуваат и идентичните определби за стабилност и просперитет на нашиот регион, неговата и нашата евро-атлантска сегашност и иднина. Токму поради ова Република Македонија посветува посебно внимание на негувањето и развојот на односите и соработка со Република Хрватска, рече македонскиот Претседател. Претседателот Иванов ја изрази благодарноста за поддршката на Република Хрватска за напорите и активностите што ги вложува Република Македонија за што поскорешно приклучување кон Северноатлантската алијанса и ЕУ. - Уверен сум дека градењето на добрососедски и пријателски односи, како и сестраната соработка меѓу нашите две земји, нашата силна посветеност на регионалните иницијативи, придонесува за јакнење на довербата и разбирањето, за зацврстување на стабилноста и безбедноста на регионот. Ова секако ќе придонесе и за негова забрзана интеграција во европските и евроатлантските структури, изјави Претседателот Иванов.
|