|
Новоименуваниот Шеф на Делегацијата на Европската Унија Питер Соренсен ги предаде акредитивните писма
|
|
|
 Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот Шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, Н.Е. г-дин Питер Соренсен.
На средбата, Претседателот Иванов ја искористи можноста да му посака срдечно добредојде на Амбасадорот Соренсен. Претседателот оцени дека неговото богато искуство со регионот, вклучително и со Македонија, ќе бидат добра основа за успешна работа во Република Македонија. Според Претседателот Иванов, Македонија постигнала исклучителни успеси во мандатот на Амбасадорот Ерван Фуере, вклучително позитивна оценка од Европската Комисија за почнување на преговорите за полноправно членство во Европската Унија, како и визната либерализација.

Претседателот Иванов истакна дека за Република Македонија, од есенцијална важност е скорешно исполнување на препораките на Европската Комисија, и на јасниот став на Европскиот Парламент, за отворање на преговорите со Европската Унија. Претседателот истакна дека искуството со други држави-кандидатки за членство покажало дека водење на преговорите без застој е важно за одржување на реформската агенда.
Амбасадорот Соренсен искажа целосно разбирање за неопходноста Република Македонија да го продолжи својот интегративен пат. Во тој контекст нагласи дека на неговата мисија во Република Македонија гледа како на поддршка на таквите напори и изрази уверување дека ќе даде се од себе за натамошно приближување на европските вредности и критериуми кон македонското општество. Двајцата соговорници изразија целосна подготвеност за натамошна взаемна тесна и интензивна соработка на тој план.

|