Проштална средба со шефот на Делегацијата на ЕУ во РМ и Специјален претставник на ЕУ, амбасадорот Ерван Фуере
Среда, 23 Февруари 2011   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска на проштална средба го прими шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија и Специјален претставник на Европската Унија, амбасадорот Ерван Фуере.

Претседателот Иванов изрази благодарност до амбасадорот Фуере за неговото сестрано залагање во унапредување на процесот на пристапување на Република Македонија во ЕУ, како и за активниот и личен придонес за промоција и приближување на европските вредности меѓу македонските граѓани.

Претседателот Иванов подвлече дека во изминатите 5 години се случија повеќе настани кои се од исклучителна важност за европските аспирации на Република Македонија, двата позитивни Извештаи и двете препораки од ЕК за почеток на предпристапните преговори со ЕУ, либерализација на визниот режим. Изразувајќи жалење што и покрај остварените критериуми, сè уште не е реализирана целта, Претседателот Иванов нагласи дека за Република Македонија клучен приоритет останува добивањето датум за почеток на предпристапните преговори и дека Република Македонија, свесна за своите обврски, вложува максимални напори да ги исполни сите неопходни реформи, и е фокусирана на изнаоѓање на заемно прифатливо решение за деблокада на интеграциите. Во тој контекст, Претседателот Иванов го посочи примерот со хрватско-словенечкиот спор, како успешен модел на паралелно водење на интегративните процеси и решавање на билатерално прашање.


Амбасадорот Фуере, заблагодарувајќи се за високото ниво на остварената соработка со Претседателот на Република Македонија и неговиот Кабинет истакна дека исклучително ја цени улогата на Претседателот Иванов како на внатрешен, така и на надворешен план, во афирмацијата на Република Македонија на меѓународната сцена. Амбасадорот Фуере изрази надеж за скорешно отпочнување на преговорите за членство кои ќе ја доведат Македонија до остварување на нејзината стратегиска цел - полноправно членство во ЕУ, и додаде дека останува докажан пријател и поддржувач на Република Македонија.

На средбата, соговорниците разменија мислења за актуелните состојби на политичката сцена во Република Македонија.

  Back<<Назад