|
Средба со пратеникот во Европскиот Парламент и ко-известувач за Македонија, д-р Едвард Кукан
|
|
Вторник, 22 Февруари 2011
|
|
|
 Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими пратеникот во Европскиот Парламент и ко-известувач за Македонија, д-р Едвард Кукан.
На срдечната средба, тема за разговор беше актуелната состојба во Република Македонија, евро-интеграциските приоритети на државата, како и спорот за името наметнат од страна на Република Грција. Заеднички заклучок на средбата беше дека Република Македонија ги исполнува критериумите за отпочнување на преговорите за членство во Европската Унија. Претседателот Иванов му се заблагодари на пратеникот Кукан за постојаната поддршка што Европскиот Парламент и ја пружа на Република Македонија во досега постигнатото, како и во правењето на следниот чекор во интеграциите.
Претседателот Иванов и пратеникот Кукан разменија мислења за попречувањето на македонските интеграции од страна на Република Грција. Претседателот Иванов истакна дека во интерес на Македонија, и на регионот во целина, ќе биде продолжувањето на интеграциите до остварувањето на целта - обединета Европа - како проект кој ќе донесе трајна стабилност и просперитет. Претседателот го посочи примерот со хрватско-словенечкиот спор, како успешен модел на паралелно водење на интегративните процеси и решавање на билатерално прашање.
На средбата беше истакната постојаната висока поддршка што македонските граѓани ја даваат на евро-атланските стратегиски цели на Македонија, како и подготвеноста за спроведување на потребните реформски зафати за оваа цел да се исполни на брз и достоинствен начин. Иванов додаде дека блокадите на интегративните процеси поради билатерални прашања имаат импликации и на внатрешен план во Република Македонија, особено во напорите за создавање на поволна клима за странски инвестиции, како и на политички план.
|