|
Средба со Заменик претседателот на Владата на РМ задолжен за спроведување на Рамковниот договор Абдилаќим Адеми
|
|
|
 Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска го прими Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за спроведување на Рамковниот договор, Абдилаќим Адеми.
Главна тема на средбата беше координација во правец на одбележувањето на 10 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и активностите кои се предвидени во рамки на одбележувањето, за кои носител ќе биде Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, а ќе бидат поддржани од страна на Претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, како и од меѓународната заедница.
На средбата, Претседателот Иванов и Заменик претседателот на Владата Адеми разменија мислења и за меѓуетничките односи во Република Македонија, поврзани со последните настани, при што заеднички став на соговорниците е дека институциите мора да ги искористат сите демократски механизми за зачувување на добрите меѓуетнички и меѓурелигиски односи, како еден од главните приоритети на Република Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО.
Претседателот Иванов и Заменик претседателот на Владата Адеми, изразувајќи загриженост поради тоа што меѓу учесниците на немилиот настан имало и малолетни лица, упатуваат апел до сите политички актери и до јавноста да не се злоупотребуваат вакви настани за дневно - политички цели.
Транспарентноста, отворениот дијалог, како меѓу политичките партии, така и во пошироката јавност за прашањата поврзани со меѓуетничките и меѓурелигиските односи се единствениот начин на кој треба да се отвораат, елаборираат и затвораат овие прашања, заклучија соговорниците.
|