Средба со амбасадорите на земјите од Вишеградската група во Република Македонија
Петок, 18 Февруари 2011   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими амбасадорите на земјите од Вишеградската група во Република Македонија (Чешка, Словачка, Полска и Унгарија).

Претседателот Иванов, честитајќи го јубилејот - 20 години од формирањето на Вишеградската група, изрази задоволство од плодниот политички дијалог меѓу Република Македонија и земјите од Вишеградската група и изрази благодарност за силната поддршка која Република Македонија ја добива од овие земји на патот кон реализирање на своите стратегиски цели - интеграцијата во НАТО и во Европската Унија.

На средбата, Претседателот Иванов истакна дека оваа година значењето на Вишеградската група е уште поголемо поради претседавањето на Унгарија и Полска со ЕУ, и во тој контекст го изрази очекувањето на Република Македонија за одредување на датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ, за што Претседателот Иванов изрази очекување на поддршка и од Чешка и Словачка.



Амбасадорите на земјите од Вишеградската група го информираа Претседателот Иванов за приоритетните проекти, меѓу кои е интегрирањето на регионот на Југоисточна Европа во европските и евроатланските структури и го посочија искуството на нивните земји како позитивен пример на меѓусебна соработка, и меѓусебна поддршка во процесот на интегрирање во Унијата и во НАТО. Амбасадорите изразија уверување дека посебно земјите членки и самата Вишеградска група како влијателен фактор во рамките на ЕУ ќе продолжи со безрезервната поддршка на евро-атлантските аспирации на Република Македонија.

На средбата, соговорниците разменија мислења и за процесот кој се води под покровителство на Обединетите нации за разликата околу нашето уставно име со нашиот јужен сосед и за актуелните состојби на политичката сцена во Република Македонија.

  Back<<Назад