Новоименуваните амбасадори на Русија, Гана и Шпанија ги предадоа акредитивните писма
Петок, 28 Јануари 2011   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Руската Федерација, Република Гана и Кралството Шпанија.


На средбата со Амбасадорот на Руската Федерација Шчербак Олег Николаевич, Претседателот Иванов високо го оцени нивото на односи меѓу двете држави. Претседателот Иванов изрази задоволство од затворањето на прашањето на клириншкиот долг на начин кој дополнително ќе ги продлабочи односите на Русија и Македонија, и ќе овозможи динамичен економски развој и енергетска стабилност. Двајцата соговорници се согласија дека во изминатиот период, во која имаше повеќе средби на Претседателите на двете земји, бележиме развој на односите во економијата, културата, туризмот, трговската размена и енергетската соработка.


Претседателот Иванов и Амбасадорот на Република Гана Самуел Валис Акијани ги разгледаа можностите за унапредување на односите на двете држави, за кревање на нивото на економската размена и за отворање на пазарите.



Новоименуваниот Амбасадор на Кралството Шпанија во Македонија Фернандо де Галаинена Родригез во разговорот со Претседателот Иванов ја изрази поддршката на неговата земја за остварувањето на стратегиските цели на Република Македонија - полноправно членство во НАТО и во Европската Унија. Претседателот Иванов укажа дека овие цели во Македонија уживаат исклучително висока поддршка и дека нивното остварување ќе биде голем залог за стабилност и просперитет во регионот.

  Back<<Назад