Прием на претставници на Здружението на граѓани политички прогонувани, затворани и осудувани
Петок, 10 Декември 2010   

По повод 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов прими претставници на Здружението на граѓани политички прогонувани, затворани и осудувани за самобитноста на македонскиот народ и неговата државност. На средбата, претставниците на Здружението го информираа Претседателот Иванов за положбата на лицата кои во минатиот систем биле апсени и прогонувани од политички причини, и за положбата на нивните семејства. Според Никола Андонов, координатор на Здружението, семејствата на лицата кои биле прогонувани од политички причини се уште живеат со последиците кои произлегуваат од кршењето на нивните основни човекови права. Претставници на Здружението изнесоа повеќе примери на лица чии животи биле тешко нарушени поради нивните политички ставови, убедувања и активности, како и етничка или верска припадност.

Претседателот Иванов се заложи дека ќе го даде својот придонес за подобро запознавање со последиците од системското кршење на човековите права, како неопходен чекор кон градењето на демократски и слободен политички систем. Претседателот Иванов најави реализирање на веќе предвидените законски решенија за гарантирање на статусот на лицата кои биле прогонувани од политички причини. Според Претседателот, исправувањето на неправдите од минатото е неопходно за процесот на помирување и обединување во општеството.

  Back<<Назад