Честитка по повод христијанскиот празник Св. Климент Охридски
Среда, 08 Декември 2010   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод големиот христијански празник Св. Климент Охридски упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми во мое лично име и во името на граѓаните на Република Македонија, Вам лично, на членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, како и на сите православни верници во земјата и во странство, да Ви упатам најискрени и најсрдечни честитки по повод големиот христијански празник Св. Климент Охридски.

Чевствувањето на празникот Свети Климент Охридски, основачот на Охридската архиепископија, основоположникот на Охридската Книжевна школа,  и архитектот на кирилското писмо и старословенската култура е настан од огромно значење на само за Република Македонија, туку и за европската култура и цивилизација.

Визијата на Свети Климент Охридски и на неговите учители Светите браќа Кирил и Методиј за приближување на сите народи од нашиот заеднички континент е пример кој и денес не загубил од своето значење и актуелност.

Делата на Свети Климент Охридски преставуваат наша духовна крепост и патоказ кон иднина исполнета со слобода, хуманизам, благодет и просперитет.


Нека ни е честит празникот и за многу години.

Со почит,
д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад