Новоименуваните амбасадори на Швајцарија и на Суверениот Воен Ред на Малта ги предадоа акредитивните писма
Вторник, 07 Декември 2010   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Швајцарската Конфедерација во Република Македонија, д-р Стефано Лазарото и на новоименуваниот амбасадор на Суверениот Воен Ред на Малта во Република Македонија, со седиште во Варшава, г-дин Павел Гиерински.

Средбата со новоименуваниот амбасадор на Швајцарската Конфедерација д-р Стефано Лазарото, Претседателот Иванов ја искористи да му посака успешна работа во Република Македонија. Претседателот Иванов изрази задоволство од нивото и од развојот на односите меѓу Македонија и Швајцарија, подвлекувајќи ја неодамнешната посета и средбата со Претседателот на Швајцарската Конфедерација Дорис Лојтхард. Претседателот Иванов изрази задоволство од постојаната соработка меѓу двете држави, која се одразува и во поддршката што Швајцарската Конфедерација ја дава за развојот на Република Македонија, во повеќе општествени сфери. Претседателот Иванов ја истакна улогата на значајната македонска дијаспора во Швајцарија, како важна врска меѓу двете држави, која придонесува во одржувањето на блиски контакти и соработка.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Суверениот Воен Ред на Малта, г-дин Павел Гиерински, Претседателот Иванов високо ја оцени и ја поздрави работата на Редот во нивните глобални хуманитарни активности, за помош на болните и на сиромашните. Претседателот Иванов го информираше амбасадорот Гиерински за ангажманот на Република Македонија за исполнување на Милениумските развојни цели на Обединетите нации, за искоренување на сиромаштијата.

  Back<<Назад