Новоименуваните амбасадори на Италија, Данска и Австралија ги предадоа акредитивните писма
Понеделник, 06 Декември 2010   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори во Република Македонија на Италијанската Република, на Кралството Данска и на Австралија.

Претседателот Иванов, на средбата со новоименуваниот амбасадор на Италијанската Република, Н.Е. д-р Фабио Кристијани, изрази задоволство од добрите и пријателски односи на двете земји, како и од неодамнешната средба со Претседателот на Република Италија Џорџо Наполитано во Рим. Претседателот Иванов изрази задоволство од принципиелната и постојана поддршка на Република Италија за побрзите интеграции на Република Македонија во евро-атлантските институции што претставува највисока стратегиска цел на Македонија. Притоа, Претседателот Иванов се заблагодари за високото ниво кое Италија го дава во содоветните европски форуми на прашањето на интеграциите не само на Македонија, туку и на сите земји од Југоисточна Европа, како важен чекор кон мир и просперитет за регионот и за Европа во целина.



На разговорот со новоименуваниот амбасадор на Кралството Данска, Н.Е. г-дин Торбен Брил, Претседателот Иванов му посака успех на амбасадорот Брил на новата должност, и изрази надеж дека неговиот мандат ќе биде период на натамошен развој на односите меѓу Македонија и Данска. На средбата, Претседателот Иванов ги претстави стратегиските приоритети на Република Македонија, пред се полноправното членство во НАТО и во Европската Унија, цели кои и Кралството Данска принципиелно ги поддржува и застапува. Претседателот Иванов укажа на неодамнешното доделување на највисокиот орден, 8 септември, на поранешниот Министер за надворешни работи на Данска Уфе Елеман Јенсен, токму поради значајната поддршка искажана кон Македонија како независна држава со јасна евро-атлантска перспектива. Претседателот Иванов, воедно, изрази надеж дека Кралството Данска ќе донесе позитивна одлука за отворање на резидентна амбасада во Република Македонија, како придонес на натамошниот развој на односите меѓу двете држави.


На средбата со новоименуваниот амбасадор на Австралија,  Н.Е. д-р Хелен Стадерт, Претседателот Иванов и посака добредојде на д-р Стадерт на одговорната функција, и изрази надеж дека во нејзиниот мандат ќе бидеме сведоци на продолжување на нагорниот тренд на директни средби и контакти на високо ниво меѓу двете држави. Како важен мост меѓу Македонија и Австралија, Претседателот Иванов ја посочи бројната и динамична македонска заедница во Австралија, која претставува и важен фактор на присуство на Австралија во овој дел од светот. Во таа насока, Претседателот Иванов изрази надеж дека во скоро време ќе бидеме сведоци на отворање на Амбасада на Австралија во Македонија, што дополнително би ги зајакнало врските и односите меѓу двете земји.

  Back<<Назад