Средби на маргините на Самитот на ОБСЕ во Астана
Среда, 01 Декември 2010   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска на маргините на Самитот на ОБСЕ во Астана, Казахстан оствари билатерални средби со Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, Кнут Волебек, со министерот за Европа на Обединетото Кралство, Дејвид Лидингтон и кратки неформални средби со шефовите на делегациите на земјите соседи на Република Македонија, како и со други учесници на Самитот на ОБСЕ.


Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства, Кнут Волебек на средбата со Претседателот Иванов изрази благодарност до лидерството на Република Македонија за напорите кои ги прави во обезбедувањето на интегрираниот образовен систем, и во тој контекст изрази особено задоволство за неодамна усвоената стратегија за интегрирано образование. Двајцата соговорници заклучија дека деполитизацијата на образовниот процес е од есенцијално значење. Македонскиот Претседател искажа задоволство од соработката и ангажманот на Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства во Република Македонија. Претседателот Иванов потенцираше дека моделот на интеграција без асимилација кој е реалност во Македонија, треба да биде модел кој ќе биде следен, не само во нашиот регион, туку и пошироко.


На средбата со министерот за Европа на Обединетото Кралство, Дејвид Лидингтон, беше искажано заемно задоволство од позитивниот тренд во односите и соработката меѓу двете земји. Претседателот Иванов искажа благодарност за силната поддршка од Обединетото Кралство на процесите за интеграција во НАТО и ЕУ. На средбата беа разменети мислења и информации за претстојниот ЕУ Самит. Претседателот Иванов ги изнесе актуелностите во процесот за надминување на разликата околу името со нашиот јужен сосед и изрази надеж дека Република Македонија ќе има еднаков и фер третман од ЕУ, и дека позитивните примери на паралелно движење ќе бидат применети и во нашиот случај. Министерот Лидингтон истакна дека Обединетото Кралство останува силен поддржувач на македонските евроинтеграции, и изрази надеж дека ќе се дојде до заемно прифатливо решение, за Република Македонија да си го заземе заслуженото место во интеграциите.


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов оствари кратки неформални средби со Претседателот на Република Србија Борис Тадиќ, со Претседателот на Република Албанија Бамир Топи, со Претседателот на Република Бугарија Георги Прванов, со Премиерот на Република Грција Јоргос Папандреу и министерот за надворешни работи на Грција Димитрис Друцас. На овие средби беа разменети информации и мислења за актуелните состојби во сопствените земји, беа договарани следните чекори во соработката, како билатералната, така и регионалната.

  Back<<Назад