Средба со амбасадорите во Република Македонија на земјите членки на ЕУ и на земјите кандидати за членство во ЕУ
Четврток, 25 Ноември 2010   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска оствари работна средба со амбасадорите во Република Македонија на земјите членки на ЕУ и на земјите кандидати за членство во ЕУ, на која се разменија мислења за актуелните прашања во однос на евро-атлантските перспективи на РМ.

Претседателот Иванов го искажа својот став дека годинашниот извештај на ЕК дава реална оценка на постигнувањата, но и на слабостите во текот на изминатата година.

- Објективна оценка е дека Република Македонија никогаш не била подобра од денес во поглед на спроведување на реформите и исполнување на критериумите и Македонија објективно денес е на ист степен на исполнетост на критериумите како и други земји-кандидати, денешни членки, во оваа фаза од процесот на интеграција, посочи македонскиот претседател.

Претседателот Иванов истакна дека ќе го вложи својот авторитет во однос на сите институции во Република Македонија за што поскоро надминување на посочените слабости и ќе инсистира на задржување на реформскиот моментум и на исполнување на Акциониот план за членство на Република Македонија во ЕУ.



Во однос на македонските аспирации за полноправно членство во НАТО Претседателот Иванов рече дека Република Македонија е доследен и лојален партнер на Алијансата и дека Македонија ја гледа својата сегашност и иднина во ова семејство.

Македонскиот претседател ги потврди приоритетите од неговата надлежност за следниот период кои остануваат исти:  продолжување на реформските процеси, целосна фокусираност за изнаоѓање на заемно прифатливо решение, а со тоа деблокада на интеграциските процеси во НАТО и ЕУ, градење на односи на добрососедство и интензивна регионална соработка.

  Back<<Назад