Средба со Претседателот на Комисијата за меѓународна соработка на Државната Дума на Руската Федерација Константин Косачев
Петок, 17 Декември 2010   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска се сретна со Претседателот на Комисијата за меѓународна соработка на Државната Дума на Руската Федерација Константин Косачев.

На срдечната средба Претседателот Иванов изрази задоволство од континуираните средби на државните раководства на двете земји, вклучително и средбите на највисоко ниво со Претседателот на Руската Федерација Дмитри Медведев, кои придонесуваат за конкретни чекори во севкупната соработка, а особено економската соработка. Претседателот Косачев се заблагодари за личната иницијатива на Претседателот Иванов за одржување на високото ниво на односите меѓу двете земји.

Според Претседателот Иванов, особено важен проект за иднината на регионот е изградбата на гасоводот Јужен Поток, кој треба да обезбеди енергетска стабилност и конкурентност за земјите од Југоисточна Европа. Двајцата соговорници изразија задоволство од затворањето на клириншкиот долг, на начин кој ќе биде во функција на натамошниот економски развој.


Двајцата соговорници се согласија околу потребата да се заокружи иницијативата на Претседателите на Македонија и Русија за потпишување на Договор за пријателство и соработка меѓу двете земји. Како мерки кои натаму можат да ги продлабочат односите меѓу Република Македонија и Русијата Федерација беа посочени отворањето на културни центри во Скопје и во Москва, визната либерализација и културната размена.

  Back<<Назад