|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност – 3 декември, денеска прими претставници од Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија.
На средбата присуствуваа претставници на Сојузот на глуви и наглуви на Република Македонија, Националниот сојуз на слепи на Република Македонија, Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – „Мобилност Македонија", Републичкиот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост – „Порака", Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија, Националната федерација за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија и на Националниот сојуз на инвалидите на трудот на Република Македонија.
Претставниците на Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија го запознаа претседателот Иванов со тековните активности по повод одбележувањето на 3 декември, со постигнатите резултати во однос на имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, како и со положбата на лицата со инвалидност во Република Македонија и предизвиците со кои се соочуваат.
Претседателот Иванов изрази поддршка за активностите на инвалидските организации и истакна дека и натаму ќе се залага во насока на понатамошно подобрување на правата на лицата со инвалидност, како преку подобрувањето на законската легислатива, така и преку нејзиното доследно имплементирање.
„Државата и општеството во целина мора да водат грижа за сите граѓани. Грижата за лицата со инвалидност мора да биде континуирана, како од фактички, така и од правен аспект. Апелирам, унапредувањето на животот на лицата со инвалидност да се води не само преку институциите на системот на општествено ниво, туку и преку општините, преку локалните институции, и најважно од се, преку семејството. Општеството и институциите во целина мора да изнајдат механизми за да ја зајакнат природната улога на семејството, бидејќи ова се и системски, но и индивидуални проблеми, и поддршката мора да дојде прилагодена на индивидуалното прашање", подвлече претседателот Иванов.
Македонскиот претседател им порача на претставниците од Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија дека без разлика на состојбите, треба и понатаму бескомпромисно да се залагаат за афирмирање на нивните потреби и права, изразувајќи поддршка за брзо решавање на приоритетните барања на инвалидските организации.
По повод 65 годишнината од активното делување на Сојузот на глуви и наглуви на Македонија, претседателот на Сојузот го информираше претседателот Иванов со постигнатите резултати од реализираните активности на нивното здружение.

|