|
Писмо со сочувство по повод смртта на г. Нелсон Мандела, поранешен претседател на Јужноафриканската Република
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод смртта на поранешниот претседател на Јужноафриканската Република, г. Нелсон Мандела, испрати писмо со сочувство до претседателот на Јужноафриканската Република, г. Џејкоб Зума.
Почитуван господине Претседателе,
Со голема жалост ја примив веста за смртта на големиот борец за човекови права, борец против злото на апертхејдот, поранешниот претседател Нелсон Мандела. Дозволете ми, господине Претседателe, во овој тажен миг за Вас и за граѓаните на Јужноафриканската Република, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, да Ви упатам изрази на искрено и длабоко сочувство.
Во период на неслобода и неправда, тој беше инспирација не само за неговите сограѓани, туку и за многу слободољубиви поединци во целиот свет. Храбро, гласно и истрајно спротивставувајќи се на дискриминацијата и нетолеранцијата во својата земја, тој се стекна со голем углед и почит кај многу слободољубиви народи низ сите меридијани.
Во трајно сеќавање ни остануваат неговите зборови: „Да се биде слободен не значи само да се отфрлат синџирите, туку и да се живее со почитување и унапредување на слободата на другите". Бидете уверени дека Република Македонија и македонските граѓани целосно се препознаваат во ова сфаќање на слободата.
Ве молам, господине Претседателе, изразите на длабоко сочувство да ги пренесете до граѓаните на Јужноафриканската Република и до семејството Мандела.
д-р Ѓорге Иванов
|