Новоименуваните амбасадори на Р. Србија, Јапонија и Р. Казахстан ги предадоа акредитивните писма
Петок, 29 Ноември 2013   

srbija2Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Србија, Н.Е г-ѓа Душанка Дивјак-Томиќ, на новоименуваниот амбасадор на Јапонија, Н.Е г. Макото Такетоши и на новоименуваниот амбасадор на Република Казахстан, Н.Е г. Нурбах Рустемов.

На тројцата новоименувани амбасадори, претседателот Иванов им посака добредојде и успех во извршувањето на дипломатската мисија, и изрази очекување за конструктивна соработка и нивни придонес во унапредување на севкупните билатерални односи.

На свечената церемонија на предавање на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Република Србија, претседателот Иванов изрази задоволство од досегашниот развој на македонско-српските односи и заемната посветеност на негувањето и градењето на добрососедството.

„Уверен сум дека воспоставената правна рамка, Спогодбата за соработка во процесот на евроинтеграциите меѓу нашите земји е одлична основа за соработка, размена на искуства и меѓусебна поддршка. Ние сакаме да бидеме партнери и пријатели во интегративните процеси со Република Србија", истакна во поздравното обраќање македонскиот претседател.

Н.Е Дивјак-Томиќ, изрази подготвеност за целосен придонес во натамошно унапредување на традиционално пријателски односи во сите домени, и доследно спроведување на политиката на добрососедство.

„Главна претпоставка за остварување на поставените цели, за кои е потребен голем труд е искрен политички дијалог, заснован на полно меѓусебно почитување на територијалниот интегритет и основните принципи на меѓународното право", рече во обраќањето при предавање на акредитивните писма, амбасадорката Душанка Дивјак-Томиќ.

japonija1На средбата со новоименуваниот амбасадор на Јапонија, Н.Е Макото Такетоши, претседателот Иванов изрази очекување за натамошно унапредување на билатералните односи меѓу двете земји со внесување нови форми и содржини, пред се на економски план.

„Помошта што Јапонија ја даде по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, како и постојаната финансиско-техничка помош што Јапонија и ја доделува на Република Македонија по нејзиното осамостојување, само го продлабочија цврсто втемеленото пријателство, кое постојано треба да се негува", рече во поздравниот говор претседателот Иванов.

Јапонскиот амбасадор Такетоши истакна дека Јапонија високо го вреднува реформскиот напредок постигнат во Република Македонија од независноста, и се надева на продлабочување на билатералните односи и соработка во пресрет на 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи.

„Јапонија придава значење на стабилноста и просперитетот во регионот на Југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Република Македонија, и настојува да продолжи да помага во напорите на вашата земја во однос на демократските реформи и економски развој", истакна во обраќањето амбасадорот Такетоши.

kazahstanНа предавањето на акредитивните писма од страна на амбасадорот на Република Казахстан, Н.Е г. Нурбах Рустемов, претседателот Иванов изрази задоволство од воспоставениот политички дијалог на највисоко ниво и очекување за посодржинска соработка во иднина и финализирање на правната рамка меѓу двете држави.

„Целосно сме подготвени за соработка и очекувам во идната економска соработка како стратешки сфери да преовладуваат енергетиката, земјоделието, градежништвото и туризмот, како и инвестициска активност, во двата правци", рече Претседателот во поздравниот говор.

Амбасадорот Рустемов потенцираше дека официјалната посета на Претседателот на Астана минатата година, претставувала важен импулс за динамизирање на билатералната и мултилатерална соработка и изрази подготвеност за унапредување на соработката меѓу двете земји на економски план.

„Приоритет за обете страни е зајакнување на деловните контакти и изработка на заеднички проекти. Во многу области на соработката постои голем потенцијал, пред се, за зголемување на трговската размена, како и проширување на соработката во делот на инвестициите", истакна во обраќањето амбасадорот Рустемов.

  Back<<Назад