|
Честитка по повод еврејскиот празник Ханука
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод еврејскиот празник Ханука упати честитка до припадниците на Еврејската заедница.
Почитувани граѓани,
Ми претставува чест и задоволство на сите припадници на Еврејската заедница во нашата земја да Ви упатам искрени честитки по повод големиот еврејски празник на светлината - Ханука.
Празникот Ханука ја слави слободата, победата врз тиранијата, но пред сè слободниот човечки дух. Палењето на свеќите го симболизира непрекинатото горење на маслото во Храмот на победата на Макабејците. Победата значи и празнување на триумфот над насилството и над угнетувањето. Гледајќи наназад низ историјата не можам, а да не споменам низ колку многу страдања и искушенија поминале припадниците на Еврејската заедница, но секогаш успевале да ја најдат светлината на денот. Поривот за победа, потрагата за подобар живот и многуте саможртви ги направи Евреите симбол за непокорност, борба, самосвест и за правичност.
Токму затоа денеска обединети го продолжуваме патот за севкупен развој и за придобивки, создавајќи подобар стандард за живеење и за унапредување на меѓусебните односи со заедничко почитување, славејќи ги традицијата и заедничките принципи за еднаквост и за слобода.
Со традиционалниот поздрав ХАГ ХАНУКА САМЕАХ, Ви го честитам празникот на светлината и победата, и Ви посакувам пријатни празнични денови.
д-р Ѓорге Иванов
|