|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на државниот празник 23 Oктомври - Ден на македонската револуционерна борба, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.
Почитувани граѓани,
На денешен ден пред 120 години шестмина македонски визионери под мотото „Смрт или слобода за Македонија" со страст и решителност започнаа да ја шират идејата за создавање на сопствена, самостојна и независна држава. Овие идеали прераснаа во водилка на македонските граѓани, круна на револуционерното движење за споделување на една заедничка идеја за сплотеност, непоколебливост и аманет за идните генерации.
Сплотени во победите и поразите, со стремеж и надеж за создавање на слободна и самостојна македонска држава ја славиме храброста и подвизите на македонските револуционери, кои со чисто срце го создаваа вековниот идеал за наша една и единствена Македонија.
Наша должност и завет е достојно да ги продолжиме идеалите на следбениците на македонската револуционерна борба, кои преку Крушевската Република и државотворниот АСНОМ создадоа демократска, правна, силна и модерна Република Македонија.
Почитувани,
Визијата на шестмината дејци кои на денешен ден ја создадоа првата семакедонска организација ја славиме како државен празник на независна, суверена, демократска и европска Македонија. Горди на минатото, решително и заеднички чекориме кон иднината подготвени за нови предизвици. Наша обврска и должност е да се поклониме на генерациите пред нас и да го продолжиме патот кој води кон силна и напредна Република Македонија.
Македонскиот народ е еден и единствен без разлика на вера, етничка или политичка припадност. 23 Октомври е ден кој обединува многу генерации, татковци, синови и ќерки, сите со иста историска мисија за среќна и сплотена европска Македонија.
Нека ни е вечен Денот на Македонската револуционерна борба!
д-р Ѓорге Иванов
|