Претседателот Иванов ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Италијанската Република, на Арапската Република Египет, на Кралството Шведска и на Државата Катар
Петок, 27 Септември 2013   

italyПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Италијанската Република, на Арапската Република Египет, на Кралството Шведска и на Државата Катар, во Република Македонија.

На свечените церемонии на предавањето на акредитивните писма, претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им посака успешно извршување на амбасадорската должност и ја потврди заложбата за продлабочување и унапредување на соработката во сите области од заеднички интерес.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Италијанската Република во Република Македонија, Н.Е г. Ернесто Масимино Белели, македонскиот претседател се заблагодари за досегашната поддршка од Италијанската Република за интегрирањето на Република Македонија во европските и евроатлантските структури и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина.

„Очекувам ваквата поддршка да продолжи и во наредниот клучен период во пресрет на декемврискиот состанок на Европскиот совет. Република Македонија е охрабрена од позитивните чекори на земјите од Западен Балкан. На тој план, очекуваме Македонија да ужива еднаков и фер третман од земјите-членки на ЕУ, односно во услови на блокада, очекуваме позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на билатералните прашања да биде применет и во нашиот случај" рече во обраќањето претседателот Иванов, додавајќи дека Република Македонија во октомври очекува петта последователна препорака за почеток на пристапни преговори со ЕУ.

Амбасадорот Белели истакна дека Италијанската Република како претседавач со Европската унија наредната година, ќе се заложи за евроинтеграциите на Република Македонија.

„Можам да ви потврдам дека ќе продолжиме да се залагаме и да ја даваме нашата поддршка за оваа цел да се достигне во разумно време. Всушност Балканот е дел од Европа и интегрираноста на Македонија во европските институции претставува додадена вредност за нејзиниот раст и стабилност", истакна во поздравниот говор амбасадорот Белели.

Двајцата соговорници се согласија дека на економски план, односите меѓу двете држави се солидни, но дека постојат конкретни услови и потенцијали за нивно подобрување.

egyptНа средбата со новоименуваниот амбасадор на Арапската Република Египет, Н.Е г-ѓа Манал Џеина Ел Шинави, претседателот Иванов и посака многу успех во извршувањето на нејзината функција, изразувајќи очекување за дополнителен импулс во соработката меѓу двете земји.

„Ве уверувам дека Република Македонија ќе продолжи со поддршката за мирољубиво надминување на предизвиците со кои се соочувате и убедени сме дека Египет ќе го поврати своето место, улога и углед во меѓународната заедница како толерантна, слободна и отворена земја, фактор на стабилноста и просперитетот во вашиот регион", рече претседателот Иванов во поздравниот говор.

Новоименуваниот египетски амбасадор порача дека за време на својот мандат ќе работи со македонските институции за постигнување на највисок степен на взаемна корист во односите меѓу двете држави.

„Ве уверувам, Ваша Екселенцијо, дека со Вашето мудро водство, лична поддршка и доверба, ќе направам се во рамките на моите можности и тоа во различни области и на разни нивоа во двете земји, со цел зајакнување на нашите билатерални односи и унапредување на соработката која бележи постојано зајакнување во различни сфери", рече новоименуваниот египетски амбасадор Ел Шинави во говор.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Кралството Шведска, Н.Е. г. Матс Стафансон, претседателот Иванов изрази задоволството од успешниот развој на македонско - шведските односи и на соработката во разни области. Истовремено, претседателот Иванов изрази благодарност за досегашната поддршка на Кралството Шведска за европската интеграција на Република Македонија, изразувајќи уверување дека ќе продолжи и во иднина.

„Во услови на блокада, очекуваме позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на билатералните прашања да биде применет и во нашиот случај. Со таквиот потег Европската унија ќе го потврди кредибилитетот на процесот на проширувањето и ќе даде директен придонес за севкупниот амбиент во нашиот регион. Република Македонија е земја-кандидат од 2005 година, во октомври очекуваме нова, петта, последователна препорака од Европската комисија за почеток на пристапните преговори. Сметам дека е крајно време да и се овозможи следната фаза – почеток на преговорите", рече претседателот Иванов во своето поздравно обраќање.

swedenАмбасадорот Стафансон порача дека ќе даде се од себе во текот на неговиот мандат за натамошен развој на односите меѓу двете земји во сите полиња.

„Мојата влада смета дека Македонија треба да ги започне преговорите со ЕУ, со цел да еден ден – кога сите услови ќе бидат исполнети – стане рамноправна членка. Ова е долг и тежок пат, но проширувањето на ЕУ е клучното решение за реформите, модернизација и стабилноста во Југоисточна Европа", рече шведскиот амбасадор Стафансон на церемонијата на предавање на акредитивните писма.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Државата Катар, Н.Е. г. Хасан Бин Абдула Заид Ал-Махмуд, претседателот Иванов упати честитки за именувањето на прв амбасадор на Државата Катар во Република Македонија, што претставува придобивка од одличниот политички дијалог и изрази задоволство од развојот на билатералните односи и зголемената динамика во комуникацијата меѓу двете земји на високо и највисоко ниво.

„Уверен сум дека ни претстои период кога одличните политички односи и зачестените контакти ќе придонесат за искористување на можностите и ќе резултираат со конкретни проекти, со зголемена соработка во сферата на економијата, технологијата, културата, науката и образованието. На тој план сакам да ја искажам нашата целосна подготвеност" истакна претседателот Иванов во поздравното обраќање.

Новоименуваниот амбасадор на Државата Катар изрази надеж дека билатералните односи меѓу двете земји ќе бележат натамошен позитивен развој и посака напредок и просперитет на Република Македонија и нејзиниот народ.

qatar

  Back<<Назад