Претседателот Иванов упати честитка по повод Меѓународниот ден на Бошњаците
Петок, 27 Септември 2013   

PRMportretПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Меѓународниот ден на Бошњаците ја упати следната честитка до припадниците на Бошњачката етничка заедница во Република Македонија.


Почитувани сограѓани,

Во мое лично име и во името на сите граѓани на Република Македонија, би сакал најсрдечно да ви го честитам 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, и да ви посакам добро здравје, просперитет и благосостојба.

Република Македонија, како свој врвен приоритет го има поставено негувањето и почитувањето на различностите и претставува пример за највисоки стандарди во заштитата на културниот, етничкиот, јазичниот и верскиот идентитет на сите нејзини граѓани. Без присуството на граѓаните од бошњачка националност нашата земја ќе беше посиромашна за една специфична традиција и светоглед, која значајно ја збогатува нејзината мултикултурност.

Бошњачката заедница заедно со другите заедници искрено и неуморно го дава својот придонес во сите сфери на општествениот и културниот живот во нашата земја, придонесувајќи во градењето на демократска и економски развиена Република Македонија.

Ве уверувам дека и во иднина сите државни институции, но и секој поединец ќе остане посветен на натамошна промоција на бошњачката култура и традиција и во создавањето услови за поквалитетен и попросперитетен живот на сите наши граѓани.

Нека ви е честит големиот празник.


д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад