|
Средба со баронесата Д’Соуза, претседател на Горниот дом на Британскиот парламент
|
|
Четврток, 26 Септември 2013
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими баронесата Франсис Д'Соуза, претседател на Горниот дом на Британскиот парламент.
На средбата претседателот Иванов изрази задоволство од посетата на баронесата Д'Соуза, истакнувајќи дека Република Македонија во континуитет придава особено значење на развојот на односите и соработката со Обединетото Кралство.
Двајцата соговорници разменија мислења околу билатералните односи меѓу двете земји, економската соработка, како и за состојбите и перспективите на земјите од регионот за членство во Европската унија и НАТО.
Во тој контекст, претседателот Иванов нагласи дека единствена движечка сила во регионот која упатува на соработка и взаемна поддршка и со која се истиснуваат анимозитетите и предрасудите од минатото, е идејата за Европа. Во таа смисла претседателот Иванов изрази очекување земјите членки на ЕУ, вклучувајќи го и Обединетото Кралство, да бидат адвокати на македонските аспирации за членство во евро-атланските структури, да помогнат и да ги забрзаат тие процеси.
|