Претседателот Иванов на шефот на делегацијата на ЕУ, Аиво Орав, му го предаде меморандумот за членството на Македонија во ЕУ
Четврток, 19 Септември 2013   

oravПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими шефот на Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, г. Аиво Орав.

На средбата, претседателот Иванов на шефот на Делегацијата на Европската унија, официјално му го предаде потпишаниот меморандум за исполнување на стратешката цел за членство на Република Македонија во Европската унија.

Двајцата соговорници го поздравија потпишувањето на меморандумот, што подразбира исполнување на уште една од обврските од мартовскиот политички договор, и изразија задоволство од потврдениот меѓупартиски консензус во однос на стратешките цели на Република Македонија, евроинтеграциските перспективи и европската ориентација на земјава. „Нема прашање во државата за кое може да се постигне толку широк политички консензус и толкава поддршка, освен за европската идеја, што треба да претставува јасен сигнал за Европската унија", истакна претседателот Иванов.

На средбата беа разменети мислења и информации во врска со претстојниот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Претседателот Иванов изрази очекување дека Република Македонија ќе добие уште еден позитивен извештај.

„И покрај политичките предизвици со кои се соочивме, постигнуваме добри резултати во сите области кои беа посочени во пролетниот Извештај, континуирано сме посветени на реформските процеси во клучните области, на промоцијата на добрососедските односи со сите наши соседи, на регионалната соработка и конструктивно учествуваме во напорите за надминување на прашањето за името", истакна во разговорот со амбасадорот Орав претседателот Иванов. Воедно, македонскиот претседател изрази очекување дека Европскиот совет конечно ќе и го овозможи следниот чекор во интеграцијата на Република Македонија, и ќе и додели датум за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ.

„Крајно време е Република Македонија да ја продолжи интеграцијата, крајно време е на Република Македонија да и се овозможи паралелно движење. Статус-кво состојбата никому не носи ништо добро. Нема поголем и посилен импулс за реформите и надминување на слабостите, од почеток на преговорите", порача на средбата претседателот Иванов.

orav1

  Back<<Назад