Средба со генерал-мајор Стивен Креј, командант на Националната гарда на Сојузната држава на САД, Вермонт
Четврток, 12 Септември 2013   

vermont1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими генерал-мајор Стивен Креј, командант на Националната гарда на Сојузната држава на Соединетите Американски Држави, Вермонт.

На средбата, беа разменети мислења и информации околу реформскиот процес во одбраната на Република Македонија, како и за достигнувањата на Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт од заедничкото учество во меѓународните мировни мисии во Ирак и во Авганистан.

Претседателот Иванов ја истакна важноста од заедничкиот придонес кон зачувување на мирот и слободата во светот, а особено во регионите кои подолго време се борат да ја надминат дестабилизацијата. Македонскиот претседател го поздрави стратешкото партнерство на Армијата на Република Македонија со Националната гарда на Вермонт и изрази надеж дека успешната соработка со оваа сојузна држава во делот на одбраната ќе претставува поттик за проширување на соработката и во останатите области од заемен интерес. Воедно, претседателот Иванов посочи дека меѓусебната соработка во изминатиов период даде придонес и во достигнување на НАТО стандардите во повеќе области, што е од стратешко значење за Република Македонија.

Генералот Креј изрази задоволство од заеднички реализираните проекти, вежби и обуки со Армијата на Република Македонија и изрази надеж дека партнерството ќе продолжи и понатаму. Во тој контекст, генералот Креј го поздрави големиот ангажман на македонската армија во мировните операции, додавајќи дека Соединетите Американски Држави високо го ценат континуираниот македонски придонес, како одраз на вистинско и длабоко пријателство меѓу двете земји.

Соговорниците оценија дека Република Македонија заслужува што поскоро да стане членка на НАТО Алијансата, што ќе претставува дополнителен придонес кон напредокот и развојот на Балканот.

vermont2

  Back<<Назад