Честитка до францускиот претседател г.Франсоа Оланд, по повод Денот на Бастиља, Националниот празник на Француската Република
Недела, 14 Јули 2013   

Почитуван господине Оланд,

По повод Денот на Бастиља, Националниот празник на Француската Република, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое име, Ви упатувам најсрдечни честитки и искрени желби за просперитет на Вашата земја и благосостојба на пријателскиот народ на Франција.

По 14 јули 1789 година, Франција, Европа и светот веќе не беа исти. Идеалите зацртани во Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот – слободата, правото на сопственост, безбедноста, правото на борба против угнетувањето, станаа инспирација за луѓето и народите ширум светот. Овие вредности станаа дел од политичко-правниот поредок на многу земји низ светот, вклучително и на Република Македонија.

Дозволете ми, да ја искористам оваа свечена пригода, да изразам задоволство од досегашниот развој на односите кои се развиваат и надградуваат во духот на заедничките заложби за демократска, стабилна, обединета и просперитетна Европа.

Сеќавајќи се на визионерските зборови на големиот Французин и Европеец, Жан Моне - „да се гради Европа значи да се гради мир“ - сакам да Ве уверам, господине Претседателе, дека Република Македонија и нејзините граѓани остануваат посветени за исполнување на вековниот сон за европска и евроатлантска Македонија. Би сакал да ја искористам оваа свечена прилика да искажам благодарност за поддршката која Вашата земја ѝ ја дава на Република Македонија во таа насока, како и да ја истакнам длабоката увереност и очекувањето дека истата ќе продолжи и во претстојниот период.

Со такво уверување и со најискрени желби за Ваша натамошна успешна работа, добро здравје и лична среќа, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.

д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад