Потребно е јакнење на трговската размена и иницирање на јапонски инвестиции во РМ - проштална средба со јапонскиот амбасадор, Н.Е. Шигео Иватани
Среда, 17 Јули 2013   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими Амбасадорот на Јапонија, Н.Е. Шигео Иватани.

На средбата претседателот Иванов изрази задоволство од развојот на билатералните односи и унапредувањето на соработката меѓу двете земји. Македонскиот претседател укажа на потребата од јакнење на контактите на државно и владино ниво, кои, според него, ќе дадат силен импулс во посакуваната насока. „Постојат голем број неискористени потенцијали за јакнење на соработката во сите области, особено во сферата на економијата. Фокусот на нашето внимание треба да го насочиме кон искористувањето на ваквите потенцијали и можности“, рече претседателот Иванов на средбата.

Македонскиот претседател се заблагодари за досегашната техничка-економска соработка и за бројните донации и реализирани проекти преку програмите на Јапонската агенција за меѓународна соработка. Претседателот Иванов посочи на потребата од јакнење на трговската размена и иницирање на јапонските инвестиции во Република Македонија.

Македонскиот претседател се заблагодари за придонесот на амбасадорот Иватани во унапредувањето на односите и соработката меѓу двете земји и му посака натамошни лични и професионални успеси.

  Back<<Назад