|
Проштална средба со амбасадорот на НДР Алжир, Н.Е. Хабиб Шевки Хамраоуи
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Народна Демократска Република Алжир за Република Македонија, Н.Е. г. Хабиб Шевки Хамраоуи.
На средбата, претседателот Иванов изрази задоволство од досегашната соработка со амбасадорот Хамраоуи и од неговото лично залагање за унапредувањето на билатералните односи меѓу двете земји.
Претседателот Иванов го истакна интересот за динамизирање на политичкиот дијалог меѓу двете земји, преку размена на посети на сите нивоа. Двајцата соговорници изразија интерес и подготвеност за унапредување на економската соработка и трговската размена меѓу двете земји, заемно констатирајќи дека и покрај географската оддалеченост, несомнено постојат неискористени потенцијали за економска соработка. Трговската размена, порача претседателот Иванов, е на многу ниско ниво и не соодветствува со потенцијалите за размена меѓу двете земји, така што заокружувањето на договорната рамка ќе претставува поттик за поврзување на стопанските субјекти на двете држави.
Претседателот Иванов го искажа ставот дека Република Македонија е заинтересирана за соработка со Алжир и во рамките на Франкофонијата. Во таа насока, македонскиот претседател ја истакна заложбата за развивање на културните врски меѓу двете земји во рамките на Франкофонијата, со цел реализирање бројни проекти од областа на културата, образованието, науката.
На средбата е констатирано дека е постигнато високо ниво на односи и соработка меѓу двете земји на мултилатерален план, по прашањата од заеднички интерес, во рамки на меѓународните организации.
Претседателот Иванов му се посака успех во натамошната кариера на амбасадорот Хамраоуи и изрази очекување дека и со следниот амбасадор на Алжир во Република Македонија ќе продолжи конструктивната соработка, во функција на унапредување на односите помеѓу двете земји.
|