|
Проштална средба со Дидри Бојд, Координатор на УНДП во Македонија
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба ја прими г-ѓа Дидри Бојд, Координатор на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Македонија.
На средбата претседателот Иванов изрази благодарност за досегашната успешна соработка и за ангажманот на УНДП и на г-ѓа Бојд во Република Македонија. Македонскиот претседател изрази задоволство од повеќето успешни реализирани проекти за време на нејзиниот мандат.
Претседателот Иванов ги истакна достигнувањата на Република Македонија во полето на намалување на ризици од катастрофи, адаптација кон климатските промени и заштитата на животната средина, што во голема мера се должи на ангажманот и проектите на УНДП.
Македонскиот претседател ја посочи потребата за поддршка на македонските придонеси на Глобалната платформа за намалување на ризици од катастрофи во Женева, и промоција на активностите и напорите на Република Македонија што како актуелен претседавач со Процесот на соработка во Југоисточна Европа, ги презема во насока на зголемување на свеста и на регионалната соработка во овие области.
Г-ѓа Бојд упати честитка за посветеноста на претседателот Иванов на теми кои се од интерес на Обединетите Нации.
На средбата претседателот Иванов изрази очекување дека и во натамошниот период УНДП ќе се вклучи во реализација на проекти фокусирани на граѓаните, особено постигнувањето на милениумските развојни цели.
|