|
Почитуван господине Генерален секретар,
Упатувајќи Ви ги изразите на моето највисоко почитување и благодарност за досегашната соработка, би сакал да укажам дека на овој ден, 8 април, пред 20 години, Република Македонија официјално стана членка на Организацијата на Обединетите нации.
По тој повод, би сакал да го изразам своето уверување дека за Република Македонија тоа беше историски и голем датум, датум на кој мојата земја влезе во големото семејство на слободни, суверени и независни држави на светот. Оттогаш, Република Македонија дава значаен придонес во сите активности, органи и политики на светската организација, но исто така и во остварувањето на принципите и духот на светската организација. Од секогаш имавме непосредна поддршка и помош во процесите на нашиот развој, зачувување на интегритетот, мирот и стабилноста, како во државата, така и во регионот и пошироко.
Би сакал и Вам, лично, да Ви се заблагодарам за таа поддршка, помош и Вашето ангажирање, кое за нас многу значи.
Едновремено, ја изразувам својата верба и решеноста на граѓаните на мојата држава, дека Република Македонија и натаму ќе вложува сè за остварување на начелата на Повелбата на Обединетите нации и за успехот на кампањите и политиките на светската организација во развојот, просперитетот, унапредувањето на човековите права и демократија во светот, како и за доброто на човештвото.
Ве молам Екселенцијо, примете ги моите најискрени желби за Ваше лично здравје, среќа и успех во извршувањето на Вашата одговорна функција.
д-р Ѓорге Иванов
|