Евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан има посебно значење - работен ручек со амбасадорите на земјите од Западен Балкан, Словенија и ЕУ
Петок, 22 Февруари 2013   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска приреди работен ручек за амбасадорите на земјите од Западен Балкан, амбасадорот на Република Словенија и Шефот на делегацијата на Европската унија во Република Македонија, во согласност со традицијата воспоставена минатата година.

На средбата присуствуваше Шефот на делегацијата на Европската унија во Република Македонија, Н.Е. г. Аиво Орав, амбасадорот на Република Словенија, Н.Е. г. Бранко Раковец, амбасадорот на Р. Хрватска, Н.Е. г. Златко Крамариќ, амбасадорот на Црна Гора, Н.Е. г. Душан Мрдовиќ, амбасадорот на Босна и Херцеговина, Н.Е. г. Здравко Беговиќ, амбасадорот на Р. Албанија, Н.Е. г. Арбен Чејку, амбасадорот на Р. Косово, Н.Е. г. Илбер Хиса и вршителот на должност во амбасадата на Р. Србија, г-ѓа Душанка Дивјак -Томиќ.

Во фокусот на разговорите беа евроатлантските интеграции како стратешка определба на земјите од регионот, тековните реформски процеси и перспективите на овој план. Претседателот Иванов и амбасадорите се согласија дека евроинтеграцијата на сите земји од Западен Балкан има посебно значење. Заемен заклучок беше дека интеграцијата треба да се гледа пред сè низ призма на обединување на општествата низ политички, етнички и социјален консензус, понатаму како алатка за исполнување на стандардите и критериумите што ќе доведе до подобрување на целокупните општествени перформанси, и конечно како алатка која ги упатува земјите на тесна соработка и заемна соработка.

Претседателот Иванов го реафирмираше ставот дека Република Македонија и натаму посветено работи на исполнување на европската агенда и дека одредувањето на датум за почеток на преговори со Европската унијата има суштинско значење за Република Македонија, но и за процесот на проширувањето како најуспешна политика на ЕУ. Продолжувањето на интеграцијата позитивно ќе влијае и на состојбите во регионот, беше заклучокот на учесниците.

На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби во Република Македонија и во регионот, за предизвиците со кои се соочуваат одделните земји, при што беше изразена согласност дека сите отворени прашања треба да се решаваат со дијалог, меѓусебна почит и разбирање, и во духот на добрососедството и европските стандарди.

Македонскиот претседател ги потврди заложбите на Република Македонија за зацврстување, продлабочување и унапредување на добрососедството и регионалната соработка, како стратешка цел на земјата, и изрази очекување за конструктивност и успешност на претстојните регионални средби чиј домаќин е Република Македонија, како и надеж дека македонските претседавања со Процесот на соработка во Југоисточна Европа и Дијалогот на цивилизациите активно ќе придонесат во унапредување на соработката во регионот.

Во однос на билатералните односи со земјите од Западен Балкан, на средбата беше констатирано дека истите се на одлично ниво, со редовни средби и размени на посети. Како области со неискористени потенцијали за јакнење на соработката, соговорниците ги посочија економијата, трговската размена и инвестициите. Воедно, на средбата беше посочено и значењето од што поскоро завршување на инфраструктурите проекти од интерес за целиот регион, Јадранско-јонската магистрала и коридорите 8 и 10.

  Back<<Назад