|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес беше домаќин на традиционалниот ручек со амбасадорите на земјите-членки на Вишеградската група, акредитирани во Република Македонија. На средбата присуствуваа министерот за надворешни работи на Република Македонија, г. Никола Попоски, амбасадорот на Чешката Република, Н.E. г. Мирослав Рамеш, амбасадорот на Република Полска, Н.Е. г. Пжемислав Чиж, вршителот на должност во амбасадата на Словачка Република, Н.Е. д-р Роберт Кирнаг и заменик амбасадорот на Унгарија, г. Атила Пинтер.
Претседателот Иванов изрази задоволство од одличните билатералните односи и континуираниот политички дијалог помеѓу Република Македонија и земјите од Вишеградската група, засновани на долги традиционални врски на пријателство и меѓусебно разбирање.
На средбата соговорниците констатираа дека меѓусебната билатерална соработка континуирано се продлабочува, но дека истовремено постои голем неискористен потенцијал за поинтензивна соработка во голем број области од заемен интерес, а особено на полето на економијата, инвестициите, образованието, културата, туризмот, информатичките технологии, како и земјоделието.
Претседателот Иванов се заблагодари за принципиелната, отворена и силна поддршка на земјите од Вишеградската група за напорите на Република Македонија и целиот регион за европска и евроатланска интеграција, како важен предуслов за трајна стабилност, мир и просперитет во Југоисточна Европа.
„Република Македонија е целосно посветена на остварување на реформите како и на унапредување на добрососедските односи со сите свои соседи, преку серија инцијативи, конкретни проекти. Република Македонија конструктивно учествува процесот за изнаоѓање решение за прашањето за името", истакна претседателот Иванов. Во тој контекст, Претседателот ги запозна амбасадорите со посветеноста и активното учество на Република Македонија во регионалните инцијативи, пред се со целите на македонското претседавање со Процесот на соработка во Југоисточна Европа, како и на 11. Форум на „Дијалогот меѓу цивилизациите", во соработка со УНЕСКО и Советот на Европа.
Амбасадорите ја поздравија и поддржаа регионалната активност на Република Македонија и изразија уверување дека земјите-членки на Вишеградската група како влијателен фактор во рамките на ЕУ, ќе продолжи со поддршката на европските и евроатланските аспирации на Република Македонија.
На средбата беа разменети мислења и ставови за актуелната политичка состојба во земјата, при што македонскиот претседател ги запозна амбасадорите со неговите видувања и ставови, како и заложби за надминување на политичката ситуација во земјата.
Македонскиот претседател уште еднаш ги поздрави одлуките на Унгарија и Чешката Република за официјализирање на досегашната пракса на обраќање кон Република Македонија со нејзиното уставно име во билатералната комуникација, и оцени дека истите се потврда за одличните меѓусебни односи и своевиден пријателски гест. Претседателот Иванов упати и честитки за новоизбраниот претседател на Чешката Република, г. Милош Земан.
|