Средба со министерот за надворешни работи на Република Србија, г. Иван Мркиќ
Понеделник, 18 Февруари 2013   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за надворешни работи на Република Србија, г. Иван Мркиќ.

На средбата беа потврдени одличните билатерални односи, карактеризирани со континуиран политички дијалог и чести средби на сите нивоа. Претседателот Иванов и министерот Мркиќ се согласија дека постојат огромен број на прашања кои ги поврзуваат двете земји, наспроти малиот број на прашања за кои постојат разлики, и воедно изразија задоволство што тие прашања на ниеден начин не влијаат на соработката во сите сфери од заемен интерес, кои се во постојана позитивна динамика.

Во разговорите беше истакнато дека соработката меѓу двете земји, во иднина треба да се фокусира на натамошното продлабочување на економската и трговската соработка.

Во насока на исполнување на заедничката стратешка цел, интегрирање во Европската унија, претседателот Иванов го поздрави потпишувањето на Спогодбата за соработка во европските интеграции, како основа за меѓусебна соработка, помош и поддршка на патот кон ЕУ.

Во интерес на безбедната, стабилноста и просперитетот на регионот, македонскиот претседател ја потенцираше потребата од градење на добрососедски односи и посветеност на сите земји на регионалната соработка. Во таа насока, Претседателот го запозна српскиот министер за надворешни работи со целите на македонското претседавање со Процесот на соработка во Југоисточна Европа.

  Back<<Назад