Средба со министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Гидо Вестервеле
Петок, 22 Февруари 2013   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Н.Е. г. Гидо Вестервеле.

Во фокусот на разговорите беа предизвиците со кои се соочува Република Македонија во контекст на европските и евроатлантските интеграции, актуелните внатрешно-политички случувања во Република Македонија, како и развојот на билатералните односи меѓу двете земји.

Претседателот Иванов побара поддршка од Сојузна Република Германија и другите земји-членки на Европската унија за добивање датум за отпочнување преговори со Унијата. Во тој контекст, германскиот министер беше запознаен со актуелностите во разговорите за прашањето за името, како и за конструктивниот и посветен пристап на Република Македонија во унапредувањето на добрососедството со сите свои соседи.

Министерот Вестервеле изрази поддршка за евроатланските интеграции на земјава, со констатација дека за СР Германија не постои дилема дека иднината на Република Македонија е во евроатлантските семејства, оценувајќи дека интеграционите процеси се од клучно значење за зацврстување и унапредување на демократските процеси во Република Македонија.

Двајцата соговорници, разменија мислења и информации за актуелната политичка состојба во земјава. „Политичкиот дијалог е исклучително важен за одржување на потребниот баланс на општествено-политичките услови во кои моментално се наоѓа земјата. Во иднина, како и досега, континуирано ќе вложувам максимален напор за овозможување дијалог меѓу власта и опозицијата, во насока на целокупен напредок на македонското општество", истакна претседателот Иванов.

Министерот Вестервеле истакна дека Европската унија и Сојузна Република Германија ја подржуваат иницијативата на претседателот Иванов и неговите напори и ангажмани за надминување на политичките состојби во земјата, кои создаваат загриженост во однос на интеграциониот процес. Воедно изрази надеж дека разумот ќе надвладее и дека во Република Македонија ќе се врати нормалниот политички и парламентарен живот.

Претседателот Иванов и министерот Вестервеле го поздравија нагорниот развој на билатерални односи, изразен преку континуираната размена на посети на највисоко ниво, во годината на одбележување на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Сојузна Република Германија.

  Back<<Назад