|
Средба со потпретседателот на Владата и Министер за надворешни работи на Црна Гора, д-р Игор Лукшиќ
|
|
Четврток, 14 Февруари 2013
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими потпретседателот на Владата и Министер за надворешни работи на Црна Гора, д-р Игор Лукшиќ.
На средбата беше изразено задоволство од досегашниот развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Црна Гора и беа реафирмирани заедничките стратешки цели, мир и стабилност во регионот и членство во европските и евроатлантските структури.
Претседателот Иванов ја поздрави одличната политичка соработка и континуираните средби на сите нивоа и истовремено потенцираше дека економската соработка, инфраструктурата, регионалната соработка и соработката во евроатлантските интеграции, треба да бидат врвни приоритети во натамошните односи меѓу двете земји.
Двајцата соговорници ја потврдија подготвеноста за взаемна помош и поддршка во интеграциските процеси на двете земји во Европската унија и НАТО, согласувајќи се дека интеграцијата на сите земји од Западен Балкан во Европската унија е од суштинско значење за стабилноста и просперитетот на регионот. Во овој контекст, претседателот Иванов посочи дека сите отворени прашања може да се решат со конструктивен пристап, со дијалог од сите засегнати страни, во духот на европската соработка и добрососедските односи.
Соговорниците изразија подготвеност и за продолжување на соработката на мултилатерален план.
|