Поддршка од Европскиот парламент - Средби со европратеници и со членови на работната група 3 на Европската народна партија
Среда, 13 Февруари 2013   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со пратеници од Европскиот парламент, припадници на групата на Европската народна партија, г. Јержи Бузек, Република Полска, г. Туне Келам, европратеник од Република Естонија, г. Мирослав Миколашик, европратеник од Словачка Република и г. Ласло Токес, европратеник од Романија и средба со pаботната група 3 на Европската народна партија, предводена од г-ѓа Корин Вортман-Коол, потпретседател на Европската народна партија и европратеник од Холандија.

На средбите со европратениците и со членовите на работната група 3, беа разменети мислење и информации околу интеграцискиот процес на Република Македонија, напредокот во клучните реформски области, како и европската перспектива на земјата во пресрет на пролетниот извештај на Европската комисија и Европскиот совет во јуни.

Претседателот Иванов, на двете средби, изрази задоволство од континуираната поддршка од Европскиот парламент на европската интеграција на Република Македонија и го поздрави ангажманот на Европската народна партија на овој план.

Заедничка констатација на европратениците е дека Република Македонија постигна напредок во процесот на евроинтеграциите, за што ужива целосна поддршка од Европскиот парламент да ги почне преговорите за пристапување во Европската унија.

На средбите беа разменети мислења и информации околу актуелната политичка состојба во државата, бојкотот на Собранието и можностите за надминување на ситуацијата. Европратениците ги поздравија заложбите и иницијативата на претседателот Иванов за изнаоѓање на решение за политичката ситуација и потенцираа дека од суштинско значење за натамошниот интеграциски процес на Република Македонија е демонстрирање на внатрешно единство, функционирање на институциите во полн капацитет и надминувањето на политичката состојба. Претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија веќе четири години чека почеток на пристапните преговори, нешто што одамна го заслужи. Доколку Република Македонија го добиеше датумот на декемврискиот совет, денес веројатно немаше да се соочуваме со ваква политичка состојба, истакна Претседателот, дополнувајќи дека за Република Македонија и нејзините граѓани очигледно не се применливи позитивните примери на паралелно движење во интеграциите и надминување на билатералните прашања.

Македонскиот претседател ги запозна европратениците со актуелностите во процесот за надминување на разликата околу името кој се води во Обединетите нации, како и за посветеноста на Република Македонија во градењето на добрососедските односи и посветеноста на регионалната соработка.

Во тој контекст, претседателот Иванов ги запозна европратенците со целите на македонското претседавање со Процесот на соработка во Југоисточна Европа, посочувајќи дека оваа регионална иницијатива е можност за реафирмирање на посветеноста на земјите од регионот за имплементирање на европските стандарди и реформи.

  Back<<Назад