|
Средба со Теохарис Лалакос, шефот на Канцеларијата за врски на Република Грција во Република Македонија
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими шефот на Канцеларијата за врски на Република Грција во Република Македонија, Н.Е г. Теохарис Лалакос.
Претседателот Иванов на амбасадорот Лалакос му посака добредојде и успех во вршењето на функцијата и воедно изрази уверување дека со неговиот ангажман ќе придонесе во натамошното унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.
Македонскиот претседател ја реафирмираше подготвеноста за јакнење на меѓусебната соработка во сите сфери од заемен интерес и изрази отвореност за средби, размена на мислења и ставови. Во тој контекст, претседателот Иванов повторно упати покана за средба со претседателот на Република Грција, Каролос Папуљас. „Длабоко сум убеден дека со тоа, ние како први луѓе на двете соседни земји, ќе дадеме значаен придонес во нашата заедничка визија за регионална стабилност и просперитет, како и за заедничката сегашност и иднина во големото европско и евроатлантско семејство”, истакна македонскиот претседател на средбата со амбасадорот Лалакос.
Во разговорите, беа разменети мислења и за можностите за продлабочување на соработката во сферата на високото образованието, преку создавање на заеднички студиски програми, размена на професори и студенти, при што, претседателот Иванов ја потенцираше потребата од склучување на меѓудржавен договор за взаемно признавање на дипломите.
Двајцата соговорници констатираа дека и покрај разликата со името, билатералните односи меѓу двете земји се на завидно ниво. Македонскиот претседател изрази очекување дека за време на мандатот на Лалакос, дипломатско претставување во двете земји ќе биде подигнато од Канцеларии за врски во Амбасади.
|