Новоименуваниот амбасадор на Исламска Република Иран во Република Македонија ги предаде акредитивните писма
Петок, 08 Февруари 2013   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Исламска Република Иран во Република Македонија, Н.Е. г. Саид Садег Мохаммади.

Претседателот Иванов, во поздравниот говор, на новоименуваниот амбасадор Мохаммади му посака успешно извршување на функцијата и изрази надеж дека како прв резидентен амбасадор на Исламска Република Иран во Република Македонија, ќе придонесе во развој на соработката меѓу двете земји во областите од заемен интерес.

„Приоритет во односите меѓу двете земји во претстојниот период треба да биде унапредување на економската соработка и јакнење на трговската размена”, истакна претседателот Иванов, потенцирајќи ја потребата од унапредување на договорната рамка меѓу двете земји.

Амбасадор Мохаммади посочи дека неговото именување за прв резидентен амбасадор во Република Македонија е доказ за решителноста на Иран за градење и развивање на соработката со Република Македонија.

„Поради старата цивилизација, богатата култура, посветеноста во градењето на мирен соживот помеѓу различни етнички и религиозни групи, Македонија ужива посебен статус во Исламската Република Иран, дотолку што е порта кон Балканот и Европа и уверен сум Екселенцијо, дека со Ваша поддршка и наша решителност ќе бидат преземени суштински чекори во насока на развивање на билатералните односи”, истакна амбасадорот Мохаммади во поздравниот говор.

  Back<<Назад