Претседателот Иванов поведе иницијатива за формирање Експертска комисија за настаните од 24 декември 2012
Недела, 27 Јануари 2013   

soopiniПретседателот Иванов, донесе одлука да поведе иницијатива за формирање на објективна непартиска Експертска комисија за утврдување на фактите за настаните од 24 декември 2012 година,  во и пред Собранието на Република Македонија, но и за настаните кои претходеа.
 
Писмото со иницијативата на претседателот Иванов е испратено до Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, до Претседателот на Владата на Република Македонија, г. Никола Груевски и до Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, г. Бранко Црвенковски.
 

Република Македонија се наоѓа во еден исклучително значаен период поврзан со реализацијата на поставените стратешки цели. Последниот заклучок на Европскиот совет, иако не ги исполни нашите очекувања,сепак претставува перспектива за следниот чекор во евроинтеграцијата, добивање на датум за почеток на пристапните преговори. Настаните кои претходеа, но кулминираа на 24 декември 2012 година во и пред Собранието на Република Македонија, претставуваат предизвик на овој пат, на кој како држава мора да дадеме одговор.
 
Верувам дека ќе се согласите дека е потребно сите заедно да вложиме максимални напори да ја исправиме негативната слика која се создаде за Република Македонија. Во таа насока, повикувајќи се на нашата последна средба со комесарот Штефан Филе, имајќи ги предвид државните и интересите на нашите граѓани, одлучив да иницирам формирање на објективна непартиска Експертска комисија која ќе има мандат да ги утврди фактите за споменатите настани. Во овој момент не можам да видам друг начин за утврдување на фактите и објективно согледување на ситуацијата. Предизвиците кои ни се наметнаа како на држава и кои стојат на патот на напредокот мора да се надминат, за да не се остварат замисли за нашата иднина кои, никому, кој го посакува најдоброто за Република Македонија не му одат во прилог.
 
 Во таа Комисија чиј претседател би бил предложен од мене, но избран со консензус, предлагам да членуваат уште 5 експерти, еден предложен од мене, еден од владејачкото мнозинство, двајца од опозицијата и еден странски експерт (без право на глас) коj би бил предложен од претседателот на Собранието на Република Македонија. Нагласувам дека таквата Комисија ќе има единствено мандат да ги утврди фактите за настаните од 24 декември 2012 година, но и настаните кои претходеа на тој ден.
 
Се надевам дека овој предлог ќе го прифатите и дека ќе номинирате експерти како членови на Комисијата. Во очекување на вашиот одговор,
                                                                                              
Искрено,
д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад