Презентација на Националната стратегија за спречување и заштита од семејно насилство 2012-2015 година
Петок, 07 Декември 2012   

altПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за труд и социјална политика на Република Македонија, Спиро Ристовски.

На средбата, на која присуствуваа и градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски и помошникот на постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Весна Џутеска Бишева, беше презентирана Националната стратегија за спречување и заштита од семејно насилство 2012-2015 година и воедно, претседателот Иванов беше информиран за завршните активности за отворањето на новиот прифатен центар за жртви на семејно насилство во општината Гази Баба.

Претседателот Иванов ја изрази својата поддршка за идните активности во насока на имплементација на Националната стратегија, и ја потенцираше потребата ова прашање да биде издигнато на највисоко државно ниво, преку заедничко вклучување и координиран пристап на сите релевантни институции во борбата за спречување на семејното насилство. Верувам во успешно поставениот систем и сметам дека сите треба да ги исполнат своите должности кон жртвите на семејното насилство, истакна на средбата претседателот Иванов, притоа потенцирајќи ја улогата на медиумите во подигнување на јавната свест за спречување на оваа појава. Македонскиот претседател ги поздрави заложбите на Владата на Република Македонија за преземање на сите неопходни мерки со цел елиминирање на семејното насилство и ја истакна потребата, како од превентивно делување, така и од адекватна заштита и соодветна помош на жртвите.

Министерот за труд и социјална политика му заблагодари на претседателот Иванов за неговата поддршка, со цел создавање на амбиент во кој континуирано ќе се подобрува состојбата во однос на спречување и заштитата од семејно насилство. За нас како министерство и како Влада од исклучителна значење е сензибилизацијата на ова прашање на највисоко државно ниво. Директното вклучување и поддршката која денеска ја добивме од Претседателот на државата за нас е од исклучително значење, како и за сите граѓани на Република Македонија и ќе продолжиме и натаму во насока на квалитетна и секако превентивна борба против семејното насилство, изјави Министерот Спировски.

Националната стратегија за спречување и заштита од семејно насилство 2012-2015 година, која беше усвоена во јули 2012 година од страна на Владата на Република Македонија, ќе се имплементира преку петте стратешки области и тоа: спречување, заштита, помош и поддршка на жртвите на семејно насилство; гонење на сторителите; мултисекторска соработка и подигнување на институционалните капацитети; следење и евалуација.

  Back<<Назад