|
Меѓународниот ден на волонтерството денеска беше одбележан во трите народни канцеларии на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов во Скопје, Тетово и Битола. Во Скопје, волонтери од Народната канцеларија и од Црвениот крст на Град Скопје се среќаваа со граѓаните и го промовираа волонтерството, а пред Народната канцеларија беше поставен и штанд со промотивни материјали. Волонтерите од Народната Канцеларија во Скопје и од Црвениот крст заеднички се заложија за афирмација и промовирање на волонтерството, кое е од исклучителна важност не само за човекот како поединец, туку и општеството во целина, со што се подобрува квалитетот на животот на целата заедница.
Драгана Русеска, една од 14-те волонтери во Народните канцеларии на претседателот Иванов, ги охрабрува сите заинтересирани за еден ваков волонтерски ангажман што ќе им овозможи нови искуства и вештини. Денеска го одбележуваме Меѓународниот ден на волонтерството заедно со најголемата волонтерска организација Црвениот крст, со цел да го промовираме и афирмираме волонтерството кое што е многу значајно за унапредување на целокупниот општествен живот. Конкретно ние како волонтери во Народната канцеларија на претседателот Иванов сме навистина почестени што ни е укажана ваква можност. Народната канцеларија на претседателот е отворена за сите граѓани кои поднесуваат свои предлози и иницијативи, но и за сите нови волонтери кои би се заинтересирале за еден ваков волонтерски ангажман. Токму на овој ден би сакале да ги охрабриме и поттикнеме сите млади луѓе кои што би биле заинтересирани за ваков ангажман со цел да стекнат нови вештини, знаења и драгоцено искуство што ќе им помогне во понотамашниот професионален ангажман, изјави Русеска. Претставничката на Црвениот крст, Александра Волкановска, исто така, ги поттикнува сите оние граѓани кои сакаат и можат да станат дел од оваа хумана организација. Црвениот крст е најмасовната волонтерска организација, не само кај нас туку и во светски рамки. Волонтерите се столбот на нашата организација и велиме дека промовираат хумани вредности и дека се држат до принципите и мисијата на Црвениот крст на РМ и на Меѓународнта федерација на Црвениот крст. Она што е значајно за денешниот ден е дека сакаме да го промовираме волонтерството меѓу граѓаните. Волонтерите се носители на активностите и ќе делат инфо материјали и ќе им објаснат на граѓаните колку е важно да си волонтер, колку е значајно да дадеш дел од своето слободно време и да бидеш волонтер помагајќи некому, изјави Волкановска.
Во трите народни канцеларии на Претседателот на Република Македонија во Скопје, Тетово и во Битола волонтираат 14 лица.

|