|
Политиката на проширување е највисок приоритет – средба со Министерот за надворешни работи на Кипар
|
|
Понеделник, 26 Ноември 2012
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со г-ѓа Ерато Козако Маркулис, министер за надворешни работи на Кипар, во својство на актуелен претседавач со Советот на Европската унија.
Централни теми на разговорите беа евроинтеграциите на Република Македонија, реформскиот процес и можностите за определување на датум за почеток на пристапни преговори за членство во Европската унија на претстојниот Европски совет во декември.
Претседателот Иванов истакна дека зачленувањето на Европската Унија останува највисоко на агендата на Република Македонија, и со оглед на видливите достигнувања во однос на реформите, изрази очекување за поддршка од сите земји - членки за почеток на преговори за членство. „Зачленувањето на земјите од Западен Балкан е од витално значење за стабилноста и просперитетот на нашиот регион, но и за кредибилитетот на Европската унија и локално, и глобално,” истакна македонскиот претседател на средбата.
Претседателот Иванов посочи дека почетокот на преговорите може само позитивно да влијае врз решавањето на билатералните прашања. „Во нашиот регион веќе бевме сведоци на позитивниот пример на паралелно движење во интеграциите и надминување на билатералните прашања, и Република Македонија очекува да добие идентична можност на претстојниот Европски совет,” потенцираше македонскиот претседател.
На средбата, претседателот Иванов се заблагодари за заложбата на кипарското претседателство за продолжување на процесот на проширување на Европската унија со земјите од Балканот и изрази поддршка за активностите кои ги преземаат, со оглед на предизвиците со кои се соочува Европа последниве години.
Заеднички заклучок беше дека процесот на интеграција е исто така и процес на трансформација на општествата, поради што интеграцијата во Европската унија за балканските држави е највисок приоритет, а политиката на проширување се смета за една од најуспешните политики на Унијата. Во тој контекст министерот за надворешни работи на Кипар истакна дека проширувањето е еден од највисоките приоритети на кипарското претседавање, дека Кипар ја поддржува европската перспектива на сите земји од Балканот и дека се надева на успех на претстојниот Европски совет.
|