Да ја почитуваме и унапредуваме јазичната разноликост - Честитка по повод Денот на албанската азбука
Среда, 21 Ноември 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 22 Ноември, Денот на албанската азбука упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани,
Во оваа прилика, би сакал да упатам порака до вас и до сите граѓани на Република Македонија дека азбуките и јазикот се основните елементи на националното идентификување, но исто така и мост за соживот, меѓусебно разбирање и толеранција.

Албанската азбука и јазик се нераскинлив дел од јазичната разноликост и духовното богатство на Република Македонија и наше право и обврска е таквата разноликост да ја почитуваме и унапредуваме. Оттука, Денот на албанската азбука е значаен за сите граѓани на Република Македонија.

Како претседател на држава, која високо го цени придонесот на сите етнички заедници кон нашиот културен и научен напредок, дозволете ми да изразам надеж дека припадниците на албанската заедница во Република Македонија и во идинина ќе продолжат да ја негуваат албанската традиција и со својата богата култура да придонесуваат за просперитетна иднина и благосостојба на сите граѓани на Република Македонија.

Д-р Ѓорге Иванов


  Back<<Назад