Новоименуваните амбасадори на Кралството Норвешка и на Социјалистичка Република Виетнам ги предадоа акредитивите
Петок, 30 Ноември 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот  амбасадор на Кралството Норвешка, Н.Е. г. Нилс Рагнар Камсвог и акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Социјалистичка Република Виетнам за РМ, Н.Е. г. Ле Дук Луу.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за новата функција и им посака успех во вршењето на амбасадорската должност.

На средбата со амбасадорот на Кралството Норвешка, двајцата соговорници изразија уверување за продолжување на соработката меѓу двете земји со несмалена динамика и за интензивирање на политичкиот дијалог. Притоа, претседателот Иванов се заблагодари за досегашната помош и поддршка од Кралството Норвешка.

„Ценам дека меѓу нашите две пријателски земји постои сè уште неискористен потенцијал за натамошно интензивирање и унапредување на соработката во сите области од заемен интерес, посебно во сферата на економијата“, истакна претседателот Иванов во поздравното обраќање.

Потврдувајќи дека норвешката влада е силно посветена на интеграцијата на Европа, амбасадорот Камсвог се заложи за натамошна поддршка и блиска соработка со Република Македонија. 

Амбасадорот посочи дека Норвешка е импресионирана од постигнатото во Република Македонија во последните години. „Во текот на последните 12 години Норвешка придонесе со околу 100 милиони евра, во вид на помош, за Македонија. Наша цел е оваа програма да продолжи и во иднина за да се овозможи помош во реализацијата на вашата агенда за евроатлантска интеграција со продолжување на програмите за соработка во клучните сектори“, истакна во обраќањето амбасадорот на Кралството Норвешка, додавајќи дека двете земји имаат одлична соработка во областа на  одбраната и во мисијата ИСАФ во Авганистан.

На средбата со новиот амбасадор на Социјалистичка Република Виетнам, беше изразен интерес и подготвеност за развивање на економската соработка меѓу двете земји.

„Ги охрабрувам сите иницијативи за унапредување на економската соработка и трговската размена, со цел искористување на расположливите потенцијали на двете земји. Во таа насока, ја искажувам мојата поддршка за иницијативите за јакнење на правната рамка меѓу Република Македонија и Социјалистичка Република Виетнам“, изјави во обраќањето претседателот Иванов.

Виетнамскиот амбасадор се заложи за промоција на традиционално пријателските односи меѓу двете земји и за јакнење на меѓусебната соработка.


  Back<<Назад