|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод Денот на Бошњаците - 28 септември, упати честитка до припадниците на бошњачката етничка заедница во Република Македонија.
Почитувани сограѓани,
Во мое лично име и во името на сите граѓани на Република Македонија, би сакал најсрдечно да ви го честитам 28 септември, Денот на Бошњаците, и да ви посакам добро здравје, успех и благосостојба.
Негувањето и унапредувањето на различните култури и традиции, вклучително и бошњачката култура, е во центарот на приоритетите на Република Македонија. Историското присуство на бошњачката заедница во Република Македонија, придонело кон физиономијата на современата македонска мултиетничка, инклузивна демократија, збогатувајќи го нејзиниот духовен и културен колорит.
Значаен е општествениот и културен придонес, кој Бошњаците континуирано го даваат во сите сфери на животот во Република Македонија, зајакнувајќи ги напорите за натамошен демократски и економски развој и евроатланска интеграција на нашата заедничка татковина.
Како држава остануваме посветени на целта да го овозможиме развивањето и унапредувањето на бошњачката култура и традиција, со цврста определба за нивна понатамошна промоција, негување и надградба. Посветени сме и на целта сите наши граѓани, Бошњаците и припадниците на сите други етнички заедници, да можат во Македонија да гледаат држава во која можат да остварат личен и колективен напредок и успех. На овој ден, можеме да кажеме дека заедно чекориме, водејќи ги нашите идни генерации кон иднина на просперитет и мир.
Нека Ви е честит големиот празник.
Д-р Ѓорге Иванов
|