| На регионот му се потребни лидери во сите сфери на општествено делување - Средба со Курт Вокер | |
|
|
Претседателот Иванов изрази благодарност за прифатената покана од страна на г-динот Вокер, да биде еден од клучните предавачи на Школата за млади лидери, која трета година по ред се одржува под негово покровителство, обединувајќи ја младата и креативна сила во општеството. Г-динот Вокер ја поздрави оваа исклучителна иницијатива на Претседателот, изразувајќи задоволство од високиот професионален пристап при нејзината реализација и за дадената прилика да биде дел од неа. Двајцата соговорници разговараа и за можноста за соработка помеѓу Школата за млади лидери и Мекејн Институтот за меѓународно лидерство, како и за потребата ваквата иницијатива да прерасне во регионална. Претседателот Иванов посочи дека нашиот регион има потреба од создавање и подготовка на идни лидери, и тоа не само во политиката, туку лидери во сите сфери на општествено делување - економијата, екологијата, културата. Лидери кои својата визија за иднината ќе ја засноваат на позитивните вредности, одговорноста и креативноста, и ќе ја насочат својата енергија кон подобрување на општите состојби, напредок и соработка. На средбата, уште еднаш беше потврден континуираниот развој на билатералните односи и стратешкото партнерство помеѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави. Како што нагласи Претседателот, Република Македонија непоколебливо останува на курсот на НАТО и ЕУ интеграциите, во што улогата на САД како партнер, сојузник и поддржувач, е високо ценета. Блокадата на патот кон реализација на стратешките цели е неодржлива и потребно е Грција да се поттикне да направи конструктивен исчекор, заклучија соговорниците. Г-динот Вокер, кој важи за посветен поддржувач на напорите на РМ за полноправно членство во НАТО, посочи дека по одлуката на Меѓународниот суд на правдата, не постои ниту една причина зошто САД, Европа и НАТО да не вложат сериозни заложби Македонија да биде примена во Алијансата врз основа на таа одлука. Македонскиот претседател и г-динот Волкер, разговараа и за состојбите во регионот и регионалните иницијативи за соработка, нагласувајќи дека интегративните процеси на земјите додаваат дополнителен стимул за размена, зближување и кооперативност на Балканот.
|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во Охрид оствари средба со г-дин Курт Вокер, Извршен директор на Мекејн Институтот за меѓународно лидерство, поранешен амбасадор на САД во НАТО и поранешен заменик помошник државен секретар на САД.










