| Билатералните проблеми не смеат да влијаат на патот кон ЕУ – средба со хрватскиот претседател Јосиповиќ | |
|
|
Разговорите беа фокусирани на можностите за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји, стратешките цели на Република Македонија и предизвиците во регионалната соработка. Двајцата соговорници изразија задоволство од високиот степен на политички, економски и културни односи во изминатите дваесет години и подготвеност за нивно продлабочување, унапредување и тесна соработка во иднина. Во контекст на исполнување на стратешките цели на Република Македонија, претседателот Иванов искажа благодарност за отворената поддршка на самитот на НАТО во Чикаго, и истакна дека од суштинско значење е поддршката од Република Хрватска за одредување датум и почеток на пристапните преговори за членство во Европската Унијата. Во таа насока, претседателот Иванов побара Република Хрватска да се заложи за примена на позитивните искуства во надминувањето на хрватско-словенечкиот спор за паралелно движење во интеграциите и истовремено решавање на билатералните прашања. Претседателот Јосиповиќ порача дека Република Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Република Македонија во евроатлантските интеграции, притоа оценувајќи дека билатералните проблеми не смеат да влијаат во индивидуалниот пат на која било држава кон Европската Унија.
Констатација и на двајцата претседатели е дека односите меѓу двете држави се на одлично ниво, но постои простор за зајакнување на соработката во економијата, меѓу другото преку инфраструктурно поврзување и пораст на трговската размена.
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој на покана на претседателот Јосиповиќ престојува во работна посета на Република Хрватска, денеска оствари билатерална средба со неговиот домаќин.
Двајцата претседатели ја истакнаа и важноста од регионалната соработка за унапредување на севкупните односи во регионот. Во тој контекст, беше разговарано за можностите за поврзување на Јадранско-јонската магистрала со Коридорот 10, како еден од инфраструктурните проекти од значење за сите држави во регионов, како и за политичка и економска поддршка од Европската Унија на тој план.










