Не постои алтернатива за регионот освен целосна интеграција во ЕУ и НАТО - Средба Иванов-Рикер
Понеделник, 20 Август 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска во Охрид оствари билатерална средба со Н.Е. Филип Рикер, заменик помошник државен секретар на САД.

Претседателот Иванов му заблагодари на Рикер за прифатената покана да биде еден од предавачите на овогодинешната Школа за млади лидери и истакна дека Република Македонија е горда на партнерството и пријателството кои во континуитет се развиваат со Соединетите Американски Држави.

Централни теми на средбата беа стратешките цели на Република Македонија, членството во НАТО и Европската Унија како највисоки приоритети, како и можноста за деблокада на интеграциските процеси.

Заменикот помошник државен секретар на САД се заблагодари за можноста да се разменат мислења и информации во однос на стратешките цели на Република Македонија, актуелните реформски процеси и особено за состојбите во регионот на југоисточна Европа.

Претседателот Иванов го запозна заменикот помошник државен секретар на САД и со улогата на Република Македонија во регионалната соработка и регионалните иницијативи. Двајцата соговорници се согласија дека не постои одржлива алтернатива ниту за регионот, ниту за Република Македонија, освен целосна интеграција во Европската Унија и НАТО.

Рикер упати честитки до претседателот Иванов за неговото лидерство, како во Република Макеоднија, така и во регионални рамки.

На средбата беа потврдени партнерските односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, како и подготвеноста за натамошно интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес.


  Back<<Назад