| Писмо со честитки до Генерал-потполковник Мајкл Дуби за унапредувањето во заменик командант на северната команда на САД | |
|
|
Генерал-потполковник Мајкл Дуби, даде исклучителен придонес во развојот на партнерството меѓу Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт, преку вградувањето на македонските војници во Националната гарда на Вермонт, во рамките на мисијата ИСАФ во Авганистан. Со тоа, Генерал-потполковник Мајкл Дуби, придонесе и за зајакнување на врските меѓу народите на Република Македонија и Соединетите Американски Држави. „Со особено задоволство Ви го честитам Вашето унапредување во генерал-потполковник и преземањето на новата функција, заменик командант на северната команда на Соединетите Американски Држави. Ја користам оваа пригода да ја изразам мојата искрена благодарност за Вашиот придонес во развојот на партнерството меѓу Армијата на Република Македонија и Националната гарда на Вермонт. Ова партнерство придонесе за зајакнување на врските меѓу народите на Република Македонија и Соединетите Американски Држави, врски кои постојано се прошируваат и во области како што се образованието, здравството и културата. Драг пријателе, едно е сосема јасно. Вие поседувате лидерски квалитети кои се неопходни за приближување на два народи. Кога на овие квалитети ќе се надоврзат вредностите за кои се залагате, интегритет, совршеност и тимска работа, тогаш успехот е неизбежен. Македонија е благодарна за Вашето лидерство во развојот на партнерството помеѓу нашите нации. Врвот на овие Ваши напори беше вградувањето на македонските војници во Националната гарда на Вермонт додека беше распределена во Авганистан. Не постои поголем доказ за партнерство меѓу два народа од тој кога војниците на тие два народи рамо до рамо се борат за исти вредности. Како Врховен командант на Армијата на Република Македонија сакам да Ви се заблагодарам за лидерството во постигнувањето на ова партнерство. Како што знаете, главен приоритет на Република Македонија од нејзината независност е полноправно членство во НАТО. За жал заради противењето на нашиот јужен сосед, Република Македонија се уште не може да добие покана за членство во НАТО. Но тоа на ниту еден начин не не обесхрабрува и не не дефокусира од постигнувањето на таа цел. Впрочем, на Соединетите Американски Држави и особено Вам сме Ви благодарни што ни овозможивте преку вградувањето на македонските војници во Националната гарда на Вермнот во рамките на мисијата ИСАФ да докажеме дека de facto ние сме во НАТО. Цврсто сум убеден дека партнерството и плодната соработка на Македонија со Соединетите Американски Држави, со Вермонт, како и на Армијата на Република Македонија и Националната града и натаму ќе продолжaт да се развиваат бидејќи Вие сте еден од тие кои поставија цврста основа за тоа. Затоа сакам да ја изразам благодарноста на македонскиот народ.“ д-р Ѓорге Иванов
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, испрати писмо до Генерал-потполковник Мајкл Дуби, во кое му го честита неговото унапредување во генерал-потполковник и преземањето на новата функција - заменик командант на северната команда на Соединетите Американски Држави.










